Динара (хрватски: Dinara) — планина на границата помеѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, по која е наречен целиот венец Динарски Планини. Има два значајни врва: Троглав (1.913 м) и истиомениот врв Динара (1.831 м). Второнаведениот врв е највисок во Хрватска и има облик на камена човечка глава. Топографската истакнатост му изнесува 728 м.
Самото име „Динара“ е од келтско потекло. Има варовнички карстен состев како и целиот венец наречен по неа.
Динара се протега од превојот Дерала (965 м) на северозапад до превојот Привија (1.230 м), кој се наоѓа 20 км на југоисток, кајшто почнува планината Камешница. Широка е до 10 км.
Динара е оддалечена само неколку десетици километри од Јадранското Море, како дел од областа Загора во Далмација, но има многу постудена планинска клима, Со просечна температура од 2 до 4 °C на врвовите, ова е меѓу најстудените места во Хрватска. Има високи просечни врнежи и 1.700-1.900 сончеви часови годишно.
На самата планина нема трајни населби, само бачила на овчарите од блиската долина на реката Цетина.
За најпривлечен дел од планината се смета југозападниот масив, долг 6 км и висок до 1700 метри. Погледот на долините под планината е живописен, но нема значаен број на планинари. Исклучок е врвот Ошљак (1.706 м).
На Динара живее загрозениот ендемски подвид на глодар — динарската високопланинска полјанка (Dolomys bogdanovi longipedis).
„ |