Илијас-бегова џамија (турски: İlyas Bey Camii) — историска џамија во Милет кај градот Соке во покраината Ајдин, западна Турција. Изградена е во 1403 г. по порачка на Илијас-бег (1402–1421), владетел на бејликот Ментеше. Денес е напуштена и претставува споменик на културата.
Џамијата е дел од комплес во чиј состав има медреса и амам.
Молитвената сала е покриена со кубе со пречник од 14 м, сместено на осумаголна основа и изработено од поплочени тули. Минарето од тули се срушило во земјотресот од 1955 г. Зградите се наоѓаат во рамките на археолошкото наоѓалиште на древниот град Милет. До комплексот се најдени остатоци од вила со бања од византиско време.
Во 2012 г. комплесот на Илијас-беговата џамија е награден со културнонаследната награда „Европа ностра“ на ЕУ .