се наоѓа во Нагоја, во префектурата Аичи, Јапонија.
Првичниот замок е изграден од властелинот Имагава Уџичика околу 1525 г. Во 1532, Ода Нобухиде го зазел замокот од рацете на Имагава Уџитојо, но подоцна го напуштил.
Во 1610 г., Токугава Иејасу им наредил на разни дајмија да помогнат со изградбата на нов замок на истото место. Овој нов замок требал да биде новиот административен центар на постоечката провинција Овари и голем дел од градежниот материјал бил искористен од помалиот замок Кијосу, меѓу другото и неговиот донжон (теншу), кој се наоѓал во постоечкиот провинциски главен град Кијосу. Изградбата на замокот Нагоја била завршена во 1612 г.
За време на периодот Едо, замокот Нагоја бил центар на еден од најзначајните призамочни градови во Јапонија, познат како Нагоја-џуку.
Сѐ до периодот Мејџи, замокот бил дом на кланот Овари Токугава од семејството Токугава. Замокот бил опожарен за време на Втората Светска војна, но донжонот бил одново изграден.
За време на Втората Светска војна, замокот служел како окружен штаб и воен заробенички логор. Во текот на бомбардирањето на Јапонија, на 14 мај, 1945 г. американската авијација го опожарила замокот, и тој изгорел. Со замокот изгореле и речиси сите негови артефакти; меѓутоа многу од сликите во замокот опстоиле, и се зачувани до ден денес. Реконтрукцијата на донжонот завршила во 1959 г. Денес донжонот е современа бетонска градба со клима уреди и лифтови. Покрај ова, се планира реконструкција и на дворецот Хонмару, кој исто така изгорел во бомбардирањето. Многу од сликите во дворецот исто така биле спасени, па така со реизградбата на дворецот на нивно место се планира да стојат реплики. До тогаш, сите предмети, покуќнина, врати и други објекти се реконструираат и реставрираат во Токугавскиот музеј на уметноста во Нагоја.
Врз покривот на замокот стојат два златни делфина со глава на тигар, наречени киншачи (金鯱); овој мотив се користи како амајлија против пожар. Тие исто така се сметаат за симбол на власта на феудалниот властодржец.