Олд Трафорд е стадион во Манчестер на кој игра фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед. Стадионот е со капацитет од 76.000 места, што го прави втор најголем англиски стадион, веднаш по Вембли. Прекарот на стадионот е театар на соништата, наречен од легендарниот играч на Јунајтед Боби Чарлтон.
Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд игра од 1910 година, со исклучок на периодот од 1941 - 1948 кога бил бомбардиран за време на Втората светска војна. За тоа време, Манчестер Јунајтед го делел стадионот Меин Роуд со неговиот градски ривал Манчестер Сити.
На Олд Трафорд, често се играат полуфиналните натпревари од ФА Купот, а за време на изградбата на Вембли, Фудбалската репрезентација на Англија на овој стадион ги играше натпреварите на свој терен. Исто така на Олд Трафорд се играле и натпревари од Светското првенство 1966, Европското првенство 1996, како и финалето од Лигата на Шампионите во 2003 година.
Рекордната посетеност од 76.962 гледачи била забележана во 1939 година, на полуфиналето од ФА купот помеѓу Вулверхемптон и Гримбзи, но во тоа време стадионот не бил целосно исполнет со седишта. Откако Олд Трафорд е покриен целосно со седишта, рекордот изнесува 76.098 гледачи, поставен на Премиерлигашкиот натпревар на Манчестер Јунајтед и Блекбурн Роверс на 31 март 2007 година. Тоа е исто така и рекордна посетеност во Премиер Лигата.