Токиското небесно дрво (јап. 東京スカイツリー, трскр. токјо сукај цури; англ. Tokyo Sky Tree) е кула за радиодифузија, угостителство и набљудување во општината Сумида во Токио, Јапонија. Во 2010 станала највисоката градба во земјата, а во март 2011 ја достигнала полната висина од 634 м. Со ова кулата е втора градба по висина во светот по Бурџ Калифа во Дубаи. Целиот проект е завршен на 29 февруари 2012, а отворена за јавноста е на 22 мај 2012.
Нарачатели на проектот се железницата Тобу и група од шест емитувачи, на чело со државната радиотелевизија NHK. Кулата стои во средиштето на нов голем деловен реон на подеднакво растојание од железничките станици Нарихирабаши и Ошиаге, 7 км североисточно од Токиската станица. Главна цел на кулата е предавање на телевизиски и радио сигнали од достатна височина. Постоечката Токиска кула со своите 333 м повеќе не овозможува целосна покриеност бидејќи е опкружена со голем број на висококатници.
Проектот е објавен на 24 ноември 2006 и се темели на следниве три замисли:
При основата, кулата има профил на рамностран триаголник, но на висина од 350 м станува цилиндрична за да може да издржи силни ветришта.
Кулата има два видиковци, еден на 350 м и еден на 450 м височина.
Кулата има најнапредна сеизмичка издржливост со средишен столб од армиран бетон. Столбот е поврзан со надворешната конструкција долж височина од 125 метри над земја, а потоа (сè до 375 м височина) меѓу конструкцијата и столбот има маслени амортизери со улога на ублажувачи при земјотрес. Според конструкторите, амортизерите можат да ублажат 50% од енергијата на земјотресот.