Уранополи (грчки: Ουρανούπολη) — село во Општина Аристотел во округот Халкидик, Егејска Македонија, денес во областа Централна Македонија, Грција. Пред реформата на локалната власт во 2011 година Урануполи бил дел од општина Стагира-Акант .
Урануполи се наоѓа на 15 километри југоисточно од градот Јерисос и на 132 километри источно од Солун, во југоисточниот дел на Халкидики, на третиот негов крак. Населбата е излезна точка за верниците кои патуваат до манастирите на полуостровот Атос (Света Гора). Еднаш дневно од Уранополи патува ферибот до пристаништето Дафне.
На 1 километар источно од селото, во приватна сопственост била откриена римска гробница. Лоцирана е на низок рид во полето, во месноста Кокинохорафо, во близина на патот кој води до манастирот Франгокастро и границата со Света Гора. Во месноста Кокинара постојат остатоци од елинистичата ера. Во овој регион биле откриени монети со натпис ΟΥΡΑΝΙΑΣ ΠΟΛΕΩΣ и ΟΥΡΑΝΙΔΩΝ ΠΟΛΕΩΣ и слика на Уранија Афродита, седната врз топка од едната страна и осумсончево сонце од другата. На средината на границата на Света Гора се наоѓаат урнатините на средновековниот храм „Свети Николај“ од 11 век.
Уранополи е нова населба која била основана околу постоечката византиска кула на имотот кој припаѓа на блискиот манастир Франгокастро. По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Грција. По потпишувањето на Лозанскиот договор во 1923 година помеѓу Република Турција и Република Грција, во селото се населиле грчки бегалци од Анадолија.
Селото првично билло наречено Просфорион. Во 1928 година Просфорион претставуваки бегалско село со 44 бегалски семејства и 153 лица.
Урануполската кула во минатото претставувала средновековен одбранбен објект. Кулата е најдобро зачуван објект од овој тип на Халкидики и припаѓа на манастирот Ватопед. За прв пат се споменува во 1344 година, но се смета дека била изградена порано. Во мај 1379 година деспотот на Солун Јован Палеолог ја ослободил кулата од даночни обврски за време на неговиот престој таму. Зградата е сериозно оштетена од земјотресот во 1585 година. Во август 1858 во кулата, најверојатно изгорена во 1821 година, започнале реконструкции и таа го добила сегашниот изглед. Во 1981 година кулата е прогласена за заштитен споменик на културата.