Вихрен — највисокиот врв на Пирин во Пиринска Македонија, денес во Бугарија. Со своите 2.914 м е втор по височина во денешна Бугарија по Мусала на Рила и трет на Балканскиот Полуостров по Олимп во Егејска Македонија и Грција.
Врвот се наоѓа во северниот дел на масивот Пирин, на главното било меѓу врвот Кутело (на северозапад) и Овинати Врв (на југоисток). Со овие два врва го поврзуваат седлата Премката (2610 м) на север и Кабата (2535 м) на југ.
Сè до 1942 г. врвот се нарекувал Елтепе („врв на бурите“). Денес тоа име го носи мало засолниште во подножјето на врвот, поставено за проучување на малиот ледник кој се наоѓа таму.
Гледан од Банско Вихрен личи на пресечена пирамида, а од југ потсетува на на четиристрана пирамида. Карактеристично за врвот е тоа што изгледа многу поразлично, зависно од која страна се гледа. Карпите кои го образуваат Вихрен се мермерни и не задржуваат вода, па затоа целото околно подрачје нема реки и езера. Најблиски езера се Влахините на југозапад. Растителноста по падините на Вихрен е оскудна — преовладуваат тревите и лишаите. Животинскиот свет е побогат — застапени се птиците и ситните глодари, но највеќе дивокозите, кои живеат во месноста Казаните во подножјето на врвот. По околниот раб на карпите Џамџиеви Скали изобилува цвеќето рунолист.
Вихрен има просечни годишни врнежи од 1.150 мм, а снежната покривка достигнува 3 м. Температурата се движи од 25° и -21°С во зима до 15° и 23°С во лето.
„ |